Дарко Чурлинов и Штутгарт се на чекор до првата Бундес-лига, откако денеска славеа на гостувањето против Нирнберг со убедливи 0-6, задржувајќи се на второто место на табелата на едно коло до крајот од втората германска лига. Хамбургер прокоцка предност од 0-1 на гостувањето против Хајденхајм, со гол во 94. минута тимот од Хамбург загуби со 2-1, по што Штутгарт има три бода предност пред Хајденхајм, четири пред Хамбургер, во пресрет на последното овосезонско коло.
Младиот македонски репрезентативец не влезе во игра на денешниот натпревар, но неговите соиграчи доминираа од почеток до крај, бележејќи ја најубедливата овосезонска победа. Штутгарт речиси сигурно обезбедува промоција, со оглед на фактот дека има дури 11 гола подобра гол-разлика од Хајденхајм. Ќе треба да се случи чудо – „швабите“ да загубат дома од Дармштад, а Хајденхајм да слави во Билефелд против Арминија, двата резултати да бидат со вкупно 12 гола разлика, за Чурлинов и соиграчите да паднат на третото место на табелата.
Јасно е, Чурлинов и Штутгарт заслужено ќе станат дел од елитното германско фудбалско друштво, но за официјализација ќе треба да почекаме до следниот викенд. Претходно промоција во првата Бундес-лига обезбеди и тимот на Арминија Билефелд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА