Даде два гола за Барса, па за 15 милиони евра замина во Италија

Кога си член на Барселона, не треба многу за да се направи мултимилионски трансфер. Доказ за тоа е и Карлес Перез, младиот напаѓач кој ја мина школата на каталонскиот гигант, а по само неколку одиграни средби во дресот на првата екипа си обезбеди трансфер во Рома, вреден 15 милиони евра.

Овој фудбалер сезонава постигна два погодоци за каталонците, по еден во Ла Лига (против Бетис) и во ЛШ (против Интер), но остана во сенката на помладиот Ансу Фати. Барса реши да го прифати неговото барање за трансфер, а кога Рома понуди 15 милиони евра, за раководството на шпанскиот првак немаше никаква дилема.

Перез вечерва ќе долета во Рим, а по деталните лекарски прегледи утре и официјално ќе биде претставен како најново засилување на „волчицата“. Во договорот меѓу клубовите нема клаузула со која Барса ќе може за одредена сума да активира клаузула за да го врати Шпанецот назад на „Камп ноу“, но каталонскиот гигант ќе има можност прв да го купи Перез, односно да ја израмни понудата што Рома би била подготвена да ја прифати за овој фудбалер во иднина.

Се вчитува...