Далас првпат го виде Дончиќ – и имаше што да види, „трипл-дабл“ на Јокиќ… (ВИДЕО)

Пресметката меѓу Леброн Џејмс и Џејмс Харден беше еден од највозбудливите дуели изминатава ноќ во НБА лигата. Хјустон на крајот славеше со 115-124 во „Стејплс центарот“ на тој начин нанесувајќи им го на Леброн и ЛА Лејкерс и вториот пораз на стартот од сезоната.

Харден со 36 поени, седум скока и пет асистенции им одржа лекција на домашните, а го следеше Крис Пол со 28 поени и 10 асистенции. Леброн Џејмс, пак, заврши со 24 поени, пет скока и пет асистенции.

Денвер со 119-91 го декласираа Феникс. Никола Јокиќ постигна 35 поени, со 12 скока и 11 ааистенции за „трипл-дабла“. А, на сето тоа дополни и со четири украдени топки со што го понесе епитетот не само на играч на натпреварот, туку и на вечерта во НБА.

Лука Дончиќ веќе се наметнува како нов лидер на Далас. Тој во триумфот од 140-136 над Минесота постигна 26 поени дополнети со шест скока и три асистенции, плус и две украдени топки и една блокада. На Минесота не и помогнаа ниту 31 поен на Таунс, додека Дерик Роуз постигна 28 поени.

Во дербито на Истокот, Бостон во Њујорк ги победи Никси со 101-103. Одлична партија на Татум кој постигна 24 поени дополнети со 14 скока. Кајри Ирвинг имаше учинок од 16 поени и пет асистенции. На спротивната страна се издвои Хардавеј со 24 поени.

На Истокот, вреден за издвојување е и мечот меѓу Вашингтон и Торонто каде гостите славеа со 113-117. Ловри доминираше со 28 поени и 12 асистенции, додека Каваи Леонард одмараше на овој меч. Бил постигна 32 поени кај Вашингтон.

Кошаркарите на Портланд остварија убедлива победа против Сан Антонио од 121-108, па со два од два ја почнаа новата сезона. Кобни за Спарси беа Демиан Лилард со 29 поени и 9 асистенции како и МекКалум со 24 поени. Босанскиот центар Јусуф Нуркиќ постигна 12 поени, а имаше и 8 скока.

Бруклин во третиот меч сезонава го доживеа и вториот пораз. Беа немоќни во Индијанополис каде загубија од Индијана со 132-112. Од останатите натпревари, Шарлот славеше со 112-113 во Мајами, а Детроит со 116-118 во Чикаго. Во неизвесен натпревар Филаделфија беше подобра од Орландо со 116-115.

Се вчитува...