Дали тренинг-центарот во Хиподром Самсоненко го градеше за ФК Вардар или за лични цели?

Навивачката група на Вардар, Комити прашуваат дали Сергеј Самсоненко тренинг центарот го градеше за ФК Вардар или за свои лични цели. Вардар во моментов не може да тренира на тренинг центарот кој е затворен за најтрофејниот фудбалски клуб во државата.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост соопштението на „Комити“.

„Изграден за потребите на ФК Вардар пред само неколку години… Целосно брендиран со логото на ФК Вардар, како надворешно, така и внатрешно… Сите побрзаа да се сликаат пред “ултра модерниот објект на ФК Вардар” за време на неговата инаугурација, и побрзаа да дадат изјави како на Вардар му ја обезбедуваат иднината, и се обезбедуваат услови и инфраструктура за развој на Европски Вардар. Но шоуто за јавноста заврши, и наеднаш ставен е катанец, и верувале или не на Вардар му се забранува да тренира на местото кое е изградено токму за потребите на Вардар. Се прашуваме, зошто никој од тие кои тогаш сакаа да бидат пред објективите, кога објектот свечено се отвараше, сега го нема да даде отчет пред навивачите и јавноста. Да објасни за кого тоа овој објект е изграден, дали за потребите на Фудбалскиот Клуб Вардар, или за лични и приватни цели? Кој тоа треба 35 години да го користи објектот пред истиот да се врати во владение и сопственост на Општина Гази Баба? Ќе биде ли многу доколку побараме одговор од поранешниот, но и од актуелниот градоначалник на Гази Баба – Дали Тренинг Кампот е изграден за потребите на ФК Вардар или за лични потреби на инвеститорот? Дали договорот за Јавно / Приватно партнерство помеѓу инвеститорот и Општината, е документ кој е достапен за јавноста или содржината е тајна? Дали Црвено – Црната Армија навивачи и јавноста имаат право да знаат што е договорено “во име на народот”? И дали договорот воопшто е во име и во интерес на народот?“, стои во соопштението на навивачката група Комити. 

Се вчитува...