Данчо Целески издвои финансиска помош за Мутибариќ, но и со повик: Време е за формирање фонд за помош на заслужните спортисти на кои им е неопходна!

Едно од најславните македонски фудбалски имиња, легендарниот голман Данчо Целески не можеше да остане „слеп“ на ситуацијата во која се наоѓа неговиот тренер од првата фудбалска репрезентација во независна Македонија, Драган Мутибариќ. Целески е првиот спортист кој се вклучи со финансиска помош за популарниот Муто, кој минува низ тешка здравствена ситуација по добиениот мозочен удар.

Како и многупати претходно, демонстрирајќи ја отворено својата хуманост, Целески веднаш се огласи со лична директна финансиска помош за својот тренер од славните денови на формирањето на првиот национален македонски тим под водство Андон Дончевски.

„Навистина со тешко срце ја доживеав веста за ситуацијата во која се наоѓа Мутибариќ, мојот тренер од првиот национален тим на Македонија, кој без сомнение е една од неколкуте најголеми легенди кои ги има македонскиот фудбал. Па, токму поради тоа е преку финансиска помош да се помогне во прв момент, но и сето ова да биде поттик за вклучување на сите надлежни инситуции, но и поранешни и актуелни фудбалери кои може да се вклучат со помош“ – вели еден од најдобрите голмани кои Македонија ги имала во својата историја, и поранешен член на стручниот штаб на македонската репрезентација во тимот на Среќко Катанец.

Идејата на Целески, е сепак да не се дозволи само преку вакви индивидуални акции да се помага на сите заслужни спортисти на Македонија кои се подзаборавени. Но, конечно и системски да се постави во надлежните спортски институции, во договор на ФФМ, Синдикатот на фудбалери и поранешни и актуелни фудбалери кои ќе може да формираат фонд за финансиска помош на сите заслужни поранешни фудбалери на кои им е неопходна.

„Можеби е конечно време да се размислува за реализација на идејата за формирање фонд за помош на заслужните фудбалери и спортисти на кои им неопходна. Мора да се грижиме едни за други, без притоа да ја бараме вината за тоа кој или каде затаил во пооделни ситуации и судбини. Кога системски би се поставиле нештата преку континуирано вложување во фонд за овие потреби сигурно ќе има средства за помош на оние на кои им е неопходна“ – вели Целески.

Драган Мутибариќ се наоѓа во тешка здравствена ситуација по доживеан мозочен удар. Идолот на голем број генерации фудбалери во Македонија, член и на поранешната репрезентација на СФРЈ, по двонеделна хоспитализација, сега е на домашно лекување но оставен единствено со скромната пензија и огромната љубов која ја добива од сопругата Милица.

Денеска во посета на Мутибариќ беа и претставници на Агенцијата за млади и спорт, Владата и Град Скопје кои, исто така, најавија помош за легендарниот голман на Вардар. Акција за помош најавија и најверните вардарови навивачи „Комитите“, а финансиска помош ќе издвои и Фудбалската федерација на Македонија.

Незаборавниот Драган Мутибариќ на голот на Вардар застана во сезоната 1966/67. Беше и остана миленик на вардаровите навивачи. За Вардар одигра 461 натпревар, од кои 265 првенствени. Беше втор голман од Вардар, по Видиниќ кој бранеше и за репрезентацијата на Југославија. Имаше 10 настапи. Во Вардар дојде од Срем, го бараше Партизан и прилепска Победа, многу му ветуваа, но тој сепак се одлучи за Вардар и сигурно не згреши бидејќи во неговиот дрес доживеа полна афирмација како одличен голман. Впрочем четири пати беше на листата на десетте најдобри спортисти на Македонија, а во 1969 година и прогласен за СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА.

Се вчитува...