Барселона остана со празни раце во обидот да стигне до потписот на Нико Вилијамс, но каталонците се цврсто решени тоа да не им се повтори кога станува збор за Дани Олмо.
Асот на Лајпциг одигра извонредно на ЕВРО 2024, преземајќи ја одговорноста по повредата на Педри и промовирајќи се во еден од клучните фудбалери на патот до европската круна. Каталонците и во минатото го меркаа поранешниот фудбалер на Динамо Загреб, но сега се решени летово да го осигураат неговиот потпис, влегувајќи во преговори со Лајпциг.
Фактот дека Олмо сака да потпише за Барса и му даде приоритет на каталонскиот пред останатите заинтересирани клубови само внесува оптимизам кај Жоан Лапорта и Деко дека овој трансфер што поскоро ќе биде финализиран. Првата понуда од загарантирани 40 милиони евра плус 20 милиони преку клаузули беше експресно одбиена од страна на германскиот клуб. Ставот на Лајпциг е јасен – Олмо е врвен фудбалер кој вреди 60 милиони евра загарантирана сума, а според информациите од Шпанија раководството на Барселона е подготвено во следните денови да ги задоволат барањата на германскиот прволигаш за што поскоро да го доведат Олмо на „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА