Данке Филип: Талески си замина од Рајн-Некар Левен

Филип Талески од денеска повеќе не е член на Рајн-Некар Левен откако реши да го раскине договорот со поранешниот првак на Германија. Тој сепак ќе остане во Бундес-лигата откако ги договори условите за соработка со екипата на Балинген.

Македонскиот „бомбардер“ се надеваше дека со заминувањето на тренерот Јакобсен ќе се зголеми неговата минутажа во екипата, но откако увиде дека тоа нема да биде случај самиот побара да му биде дозволено да ги промени клупските бои. Управата на клубот му излезе во пресрет, па попладнево беше објавен раскинот на договорот меѓу македонскиот репрезентативец и германскиот ракометен гигант.

„Благодариме Филип. Постигнавме договор да го ослободиме Филип Талески од договорот со кој требаше да остане во клубот до 30 јуни 2021 година. Македонецот се сели во новиот прволигаш Балинген“ – објавија „лавовите“ на својот официјален твитер-профил.

Желбата на македонскиот бек е и повеќе од јасна, да добие шанса да ги покаже своите квалитети, да игра стандардно на клупски план, а со самото тоа и максимално подготвен да го дочека настапот за македонската репрезентација на ЕП 2020 во Австрија.

Се вчитува...