ДАНСКА – Фаворитот од сенка, подготвен да „замрси сметки“

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија)…, ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.

На ЕВРО 2020 денеска стартуваат и натпреварите од Групата Б каде една од селекциите е и Данска, која за ривал во првото коло ќе ја има Финска.

За ЕКИПА пишува Јеспер Енгман од Јиландс-пост

Твитер профил: @JesperEngmann

Данска патува на Европското првенство со големи очекувања, но во исто време и знае дека треба да најде и дополнително оружје доколку сака да се натпреварува против врвните тимови. Тие ги започнаа квалификациите за Светското првенство 2022 со стил, добивајќи ги првите три натпревари со 14 постигнати и без примен гол. Израел (на гости со 2-0), Молдавија (дома 8-0 со комбиниран состав) и Австрија (4-0 на гости) беа „збришани“, но тренерот Каспер Хјулманд знае дека го очекува долг пат до Катар.

„Имавме добри резултати, но се почувствува разликата кога игравме два пати со Белгија минатата година“, вели 49-годишникот. „Се чувствува разликата (во квалитет) и мораме да го запомнеме тоа. Осетивме дека одигравме добро во двата натпревари во Лигата на Нации против нив, но ги изгубиме со два гола. Кога играме со најдобрите тимови, мораме да бидеме на врвно ниво“. А Белгија е повторно со Данска во групите на Европското првенство.

Хјулманд е одлично освежување откако го превзема тимот од Аге Харед претходната година. Норважанецот беше на чело на тимот четири години и ќе го завршеше Европското првенство 2020, но на патот застана пандемијата. Хјулманд имплементираше неколку нови идеи со цел тимот да игра со поголем посед на топка и со напаѓачки бекови. Тренерот им пружи шанса и на нови млади играчи кои се ориентирани на нападот како Микел Дамсгард и Андреас Сков Олсен кои добија шанса со оглед на тоа што тој не игра стандардно и често ја менува формацијата, дури и на натпревари. Игра во алтернатива со четири или три играчи во одбраната со цел да даде повеќе шанса на крилата во нападот.

„Мислам дека последниот дел од натпреварот е многу, многу важен“, вели за менувањето на формацијата и тактиките сред натпревар.

Одбраната е стабилна – Даниел Вас (Валенсија), Симон Кјер (Милан), Андреас Кристенсен (Челси) и Јоаким Мехле (Аталанта) со Каспер Шмајхел на голот. Во средината Хјулманд се потпира на трудољубивите Томас Делејни од Борусија Дормунд и Пјер Емил Хојбјерг од Тотенхем со цел да се ослободи Кристијан Ериксен. Тој не игра како стандардна 10-ка туку има слобода по целиот терен. Потенцијалната опасност за Данска е нападот со Мартин Брејтвејт (Барселона) и Јусуф Пулсен (Лајпциг) кои се мачеа да постигнат голови оваа сезона. Опција во овој дел може да биде младиот играч на Копенхаген, Јонас Винд. Повеќето од Данците имаа добра сезона на клупско ниво и едвај чекаат да одиграат три натпревари на домашен терен во Копенхаген.

СЕЛЕКТОР
Каспер Хјулманд размислувал да студира филозофија пред да навлезе во фудбалскиот свет и е разноврстен карактер. Политика, уметност и читање му се главните интереси надвор од фудбалот и се одлучил да биде тренер откако неговата играчка кариера завршила на 26 години поради повреда на коленото. Идентитетот е многу битен за Хјулманд кој една година ги студирал успешните тимови како Германија и Ливерпул и тоа што тие го прават. „Многу е важно фудбалерите да се пронајдат самите себе во овој тим. Доколку сакаме да ја најдеме компетентноста во нас, како мала земја, мораме да знаеме кои сме“ – вели данскиот селектор.

ИКОНА

Данска има непишано правило наречено ‘Janteloven’ кое брои 10 заповеди а првиот е: „Не мисли дека си подобар од било кој друг“. Голем број Данци не сакаат луѓе кои се арогантни и тоа е причината поради која го обожавме Кристијан Ериксен. Него никогаш нема да го видите како „глуми Бендтнер“, како шета по гаќи или како шета пијан по улица. Ериксен е креативец од мали нозе, но отсекогаш беше познат по тимската игра (се додека не дојде крајот на натпреварот и „се запали“ и го реши мечот со неколку голови или интелегентни додавања). Всушност тој е детето од соседството – оној кој едноставно обожава да игра фудбал и го интересира гламурот на професионалец/позната личност.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (4-3-3): Каспер Шмајхел, Даниел Вас – Симон Кјер – Андреас Кристенсен – Јоаким Маеле, Томас Дилејни – Кристијан Ериксен – Пјер-Емил Хојбјерг,
Мартин Брејтвајт – Јонас Винд – Јусуф Поулсен

БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020
Тоа би бил Кристијан Ериксен. По преминот од Тотенхем во Интер се намачи во првата година помината во Милано под Антонио Конте и дури се најде на трансфер-листата во месец јануари. Но, се избори за своето место и доби честитки за неговата улога во освојувањето на титулата во Италија. „Никогаш не помислив дека ќе биде лесно. Ги променив работите и дури стигнав до титула со Интер. Презадоволен сум“, сега вели Ериксен.

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ
“Re-Sepp-ten” од Светското првенство во 1986 година во Мексико со стихови на дански и англиски: “Vi er røde, vi er hvide” или „Ние сме црвени, ние сме бели, ние сме дански динамит“. Песната го опфаќа и името на тренерот Сеп Пјонтек во збор кој што најдобро може да се опише како „рецепт“, рецептот за победа. Ѕвездата од 1986, крилото Френк Арнесен беше главниот вокал, а останатите играчи беа придружни вокали. Се уште се пее секогаш кога има успех на данските селекции.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ

  1. “Han kunne ikke engang komme på mit old-boys hold!” – „Не може да игра ни во маало“ (по промашена шанса или грешка)
  2. “Man skulle ikke tro, du får penge for det dér!” – „И овој живее од фудбал“ (често кога по корнер топката ќе заврши позади голот)
  3. “Den kunne min bedstemor også have scoret på” – „И баба ми може ваков гол да даде“ (кога без голман ќе даде чист гол)

ХЕРОЈ/ НЕГАТИВЕЦ НА ПАНДЕМИЈАТА
Голманот на Лестер, Каспер Шмајхел донираше 20 илјади фунти на локална хуманитарна организација за набавка на маски за стари лица и посета во тешките времиња кога се сами дома

Се вчитува...