Данска моќно до нова ракометна историја, Хрватите парираа само 20 минути

Данска ја продолжи својата жетва на златни медали откако скандинавската репрезентација славеше во денешното финале во Осло над Хрватска со резултат 32-26, за неверојатна доминација на оваа селекција на ракометните мундијали. Имено, Данците пред две години станаа прва репрезентација со три мундијалски злата во серија, за сега таа низа да изнесува четири златни одличја за избраниците на селекторот Јакобсен, апсолутен рекорд во машкиот репрезентативен ракомет.

Хрватите дадоа се од себе во овој финален дуел, но сепак немаа сила за да приредат сензација против најдобрата репрезентација во светот. Данска благодарение на голманот Нилсен имаше контрола над резултатот од самиот почеток, а Хрватска парираше дваесетина минути, кога при 8-9 „коцкестите“ не реализираа зицер преку пивотот Шипиќ. Една минута подоца заслужен црвен картон за груб старт доби Мамиќ, кој беше клучен играч во одбраната на Хрватска, а Данците го искористија тоа и предводени од Гидсел на одмор заминаа со водство од 16-12.

Тоа беше најава за импресивниот старт на второто полувреме во кое Данска беше супериорна на теренот и набрзина поведе и со 10 гола предност. Хрватите заслужуваат пофалби за покажаниот карактер, не се предадоа и успеаја да ја намалат значајно негативата, до конечните 32-26.

Гидсел ја покажа сета своја ракометна генијалност со нови десет гола во ова финале, Јакобсен постигна пет за Данска, додека најефикасни кај Хрватска беа Мартиновиќ со шест и Шоштариќ со пет погодоци.

Се вчитува...