Дарко Панчев низ солзи со сеќавање за неговиот Васе Рингов: „Интелегентен, забавен, лидер…, а тек каков фудбалер!“

Неодамна официјално е промовирана биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, а во авторство на Срѓан Ивановиќ.

Книгата излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој почина на 23 декември минатата година, а кој активно беше вклучен во нејзиното создавање.

Делото, во издание на „Арс Либрис“, беше претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска како и еден од од синовите на славниот вардаров фудбалер – Марио Рингов, но и најголемата македонска фудбалска легенда во историјата Дарко Панчев, кој беше најблискиот соиграч на Рингов и дел од „бомбастичната двојка“, како што многумина ги нарекуваа двајцата, во втората вардарова генерација која ја покори тогашна Југославија.

Легендарната македонска „Кобра“ не можеше да ги сокрие своите емоции на промоцијата на книгата, споделувајќи низ солзи неколку приказни поврзани со неговиот Васе Рингов.

„Не можем да кријам дека сите не шокираше и силно не погоди тоа што се случи пред неколку месеци. Моите денови со Васе откако ги завршивме кариерите и последниве години, остануваат силно во мојата меморија исто како и оние заеднички години на теренот“ – рече Панчев во своето емотивно обраќање пред присутните на промоцијата, притоа дополнувајќи:

„За тоа колку е значаен и голем Васе за Вардар сакам само да споделам преку тоа што тој опфати две негови генерации, и тој беше лидер и во двете тие генерации. Една исклучителна личност, вистинска инспирација за секој од нас. Интелигентен, паметен и забавен. А, за тоа каков фудбалер беше тоа секако не се зборува, едноставно феноменален, и тоа сите го знаат. Васе, јас и Горде Здравков кој исто е тука, како напаѓачка тројка бевме најефикасни во југословенското првенство една година. Со гордост се сеќавам дека за нас како зборуваше тогаш цела Југославија, бевме страв и трепет, и беше големо задоволство да се игра со него. А, Васе предводник во секој смисла. Неговите човечки вредности, пак, уште поголеми. Затоа нема никогаш да го заборавиме“.

Се вчитува...