Дарвин Нуњез се враќа повреден во Ливерпул

Јирген Клоп се соочува со нов неочекуван проблем откако Дарвин Нуњез заработил повреда при последниот настап за уругвајската репрезентација. Одличниот голгетер конечно се здоби со првотимски статус кај Клоп, но сега најверојатно ќе мора да мине извесно време надвор од терените.

Тој беше стартер на дуелот со Еквадор, но изненадувачки беше повлечен од игра на паузата меѓу двете полувремиња. Селекторот Марсело Биелса по мечот обелодени дека Нуњез самиот побарал да биде заменет жалејќи се на болка во мускулот, поради што не бил способен да го продолжи натпреварот.

Уругваецот заедно со останатите јужноамерикански фудбалери денеска ќе се врати во Ливерпул, а за утре се закажани детални прегледи по што ќе стане јасно за колку сериозна повреда станува збор. Во секој случај, тешко е да се поверува дека Дарвин викендов ќе може да им помогне на „црвените“, ако се знае дека тимот на Клоп го отвора новото премиерлигашко коло, со саботното гостување против Вулверхемптон закажано за 13.30 часот.

Се вчитува...