Давитков: Самиот си заминав, дојдов да бидам шампион, но тоа не беше возможно…

Јорданчо Давитков од синоќа повеќе не е шеф на стручниот штаб на Пеќ, откако поранешниот македонски селектор се договори за прекин на сорабоката со овој клуб. Причина се амбициите – македонскиот стратег беше најавуван како предводник на тим што ќе се бори за титулата, но бројните проблеми со ростерот придонесоа да се променат и поставените клупски цели, па Пеќ од првото веќе падна на четвртото место на табелата.

Давитков ги демантира косовските медиуми дека бил отпуштен, инсистирајќи дека тој самиот побарал раскин на договорот со Пеќ.

„Невистина е дека Пеќ ме отпуштил, не можат да ми врачат отказ бидејќи имам загарантиран ФИБА-договор и ќе требаше целосно да ме исплатат. Дојде моментот кога реално не можеше да се продолжи со соработка, затоа јас самиот побарав да си заминам и се договоривме да добијам раскин на договорот. Причината е јасна – јас дојдов овде за да бидам шампион на Косово, ми беше најавуван силен тим, но како што одминуваше времето играчките опции стануваа се полимитирани, а тоа се одразуваше и врз резултатите. Јасно е дека борбата за титулата во една ваква ситуација е невозможна, па затоа решив да си заминам“, изјави Давитков за ЕКИПА.

Се вчитува...