Де Бруин: Делува дека се извлековме, а можевме да им дадеме и пет гола

Белгија на чудесен начин успеа да стигне до триумф против Јапонија (3-2) и обезбеди пласман во четвртфиналето на Мундијалот во Русија. „Ѓаволите“ имаа негатива од 0-2, но во последните триесетина минути дадоа три гола и направија целосен пресврт. Насер Чадли го постигна победничкиот гол во последните мигови од мечот, по контранападот што маестрално го повлече Кевин де Бруин.

Тој смета дека Белгија сосема заслужено е меѓу осумте најдобри селекции во светот.

„Можеби делува дека ние се извлековме, но не мислам дека е така, ако се анализира добро целиот натпревар. Ние доминиравме, а Јапонија имаше мал блесок на стартот од второто полувреме. Тие два гола не зашеметија, но, сепак, останавме фокусирани. Нападнавме жестоко и успеавме да израмниме, а потоа баравме и гол за триумф. Имавме неколку одлични шанси, и реално можевме да им дадеме на Јапонците и пет гола. Во самиот финиш, сепак, успеавме да постигнеме и трет гол, а сега веќе сме фокусирани на дуелот со Бразил“, изјави Кевин де Бруин.

Се вчитува...