Дејан Кулушевски – прва желба на Нагелсман во Баерн

Јулијан Нагелсман потпиша петгодишен договор со Баерн кој ќе стане валиден од 1 јули 2021 година, но младиот стратег во меѓувреме му ја доставил на спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ својата листа со фудбалери кои би сакал да бидат доведени во Минхен во текот на летниот преоден рок. На врвот на оваа листа се наоѓа Дејан Кулушевски, шведскиот репрезентативец со македонски корени кој сезонава е дел од Јувентус.

„Црно-белите“ од Торино минатото лето платија 35 милиони евра за да го победат Интер во трката по Кулушевски, но талентираниот тинејџер не се снајде најдобро во тактичките замисли на Пирло. Тој настапи на 30 натпревари, постигнувајќи четири погодоци, но и покажувајќи бројни осцилации во формата. Сепак, Нагелсман е тренер кој знае да им даде шанса на помладите играчи, но и да го извлече најдоброто од нив. Поради тоа, 33-годишниот стратег сака да го доведе Кулушевски во Баерн, каде тој би можел да покрие неколку различни позиции во тимот.

Јувентус засега не размислува сериозно за продажба на Швеѓанецот, но понуда од околу 50 милиони евра би можела да го промени ставот на Ањели, особено во период кога клубот собира пари за ангажман на Пол Погба од Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...