Почнува „шопингот“ во НБА: Дејвис, Богдановиќ, Ванвлит, Драгиќ, Инграм…

Официјалниот почеток на новата сезона во НБА лигата е закажан за 22. декември, во скратениот формат ќе бидат одиграни 72 натпревари, драфтот ќе биде одржан на 18. ноември, а битката за слободени агенти ќе започне два дена подоцна, на 20. ноември.

Оваа претсезона листата на играчи кои можат да ги променат своите клубови брои некои звучни имиња кои доколку ги сменат клупските бои ќе донесат нови потреси „преку океанот“.

Најзвучно од нив е Ентони Дејвис, супер-ѕвездата кој заедно со Леброн Џејмс ги предводеше Лејкерс до 17. титула во клупската историја.  По успехот со тимот од Лос Анџелес, се отвори прашањето дали „Веѓата“ ќе го замени „Стејплс Центар“ со некоја друга арена, меѓутоа одличната соработка со Џејмс најверојатно ќе ја гледаме и следната година. 27-годишниот центар има опција во договорот за продолжување на соработката со што ќе заработи 28,751,775 долари за следната сезона, или пак додека пак не го направи истото, излезе на „пазарот“ и повтроно потпише за Лејкерс оваа сума би се искачила на 32,700,000 долари за првата сезона од повеќе годишниот договор.

Во овие води е и Богдан Богдановиќ. Српскиот шутер е ограничен слободен агент, што значи дека Сакраменто може да изедначи некоја од понудите на останатите клубови. Богдановиќ беше еден од клучните играчи на тимот од главниот град на Калифорнија, но со заминувањето на Владе Дивац и Пеџа Стојаковиќ местото на Србинот е загрозено. Во американските медиуми се споменува негов потпис со Милвоки, кој разочара во плејофот, па во потрага по „осигурување“ за продолжување на соработката со Јанис Адетокумбо ќе се обиде да донесе нов квалитетен играч. Следната сезона, поранешниот играч на Фенербахче би можел да заработи помеѓу 14,000,000 и 16,000,000 долари. Како опција за потпис на Богдановиќ се јавуваат и Мајами, Феникс и Атланта.

Како еден од најквалитетните бекови во лигата се јавува и Фред Ванвлит. Покрај неговите играчи квалитети, Американецот е и вистински лидер на тимот од Торонто, а беше и еден од клучните играчи во освојувањето на титулата во 2019. година. Ванвлит е неограничен слободен агент па може сам да ја бира следната дестинација, но најверојатно ќе остане во Торонто.

Слободен агент од екс-југословенските простори е и Горан Драгиќ, срцето и душата на Мајами. Драгиќ претходната сезона ја започна од клупата, меѓутоа добрите партии на Словенецот го вратија во првата петорка. Пред повредата во првиот натпревар од финалната серија со Лејкерс, бекот бележеше просек од 20,9 поени, 4,7 асистенции и 4,2 скока во 15 плејоф натпревари, што најверојатно ќе му донесе и нов договор со составот од Флорида, и покрај интересот од другите клубови.

Во трејдот со Лејкерс за Ентони Дејвис, Пеликанс добија три играчи од кои еден е и Брендон Инграм. Играчот кој го доби признанието за играч кој најмногу напреднал претходната сезона, оваа претсезона е ограничен слободен агент, па и покрај интересот на останатите клубови неговата кариера најверојатно ќе продолжи во Њу Ореалнс каде заедно со Зион и Бол, Пеликанс ќе се обидат да ја освојат титулата.

Длабоката листа на слободни играчи меѓу останатите ги брои и: Џо Харис, Данило Галинари, Дејвис Бертанс, Монтрез Харел, Гордон Хејворд, Демар Дерозан, Пол Милсап, Марк Гасол, Кристијан Вуд, Серж Ибака, Рајжон Рондо, Еван Фурние, Џереми Грент, Двајт Хауард, Џеј Краудер, Ејвери Бредли, Андре Драмонд и Дарио Шариќ.

 

Се вчитува...