Дејвис: Од Скопје имам само убави спомени, но сега сум тренер на Веспрем

Веспрем катастрофално ја стартуваше новата сезона, но унгарскиот гигант успеа да се разбуди по доаѓањето на Давид Дејвис на клупата на местото на Врањеш. Шпанскиот стратег мина неколку успешни години како дел од стручниот штаб на Вардар, што сигурно ќе му биде добро искуство пред саботниот дуел меѓу двете екипи.

„Очекувам извонреден натпревар. За мене лично ќе биде убаво чувство, од Скопје имаме само убави спомени, јас и целото мое семејство. Сепак, сега сум тренер на Веспрем и ќе настојувам да стигнам до позитивен резултат. Знаеме дека ќе биде тешко, навивачите на Вардар прават одлична атмосфера, слична на онаа во Веспрем. Свесни сме, ова е клучен меч за второто место во групата, играчите се мотивирани и подготвени за врвен натпревар“ – изјави Дејвис во пресрет на саботниот натпревар.

Сличен е ставот и на капитенот на Веспрем, Ласло Наѓ.

„Никогаш не е лесно да се игра во Скопје, Вардар без оглед на проблемите игра одлично како и во претходните години. Тие се уште играат врвен ракомет, ќе морамеда одиграме најдобро што знаеме ако сакаме да украдеме бодови на ова тешко гостување“ – истакна легендата на унгарскиот ракомет.

 

Се вчитува...