Дел Пјеро против Влаховиќ: Знам, не е лесно да се даваат голови во дресот на Јувентус

Јувентус славеше со 1-0 на дуелот со Фрајбург во Лигата на Европа, но тоа не ги спречи критичарите повторно да го кренат гласот против Душан Влаховиќ. Српскиот голгетер немаше свој ден, не реализираше неколку шанси, по што беше заменет веднаш по водечкиот гол што го постигна Анхел ди Марија.

Критики на адреса на Влаховиќ, за кого ова беше петти меч во низа без постигнат гол за „старата дама“ пристигнаа и од легендата на Јувентус, Алесандро дел Пјеро.

„Да бидам искрен, не ми се допадна она што го видов од Влаховиќ денеска. Можеби проблемот е и психолошки, знам дека дресот на Јувентус носи тежина со себе, не е лесно да се даваат голови кога настапувате за оваа екипа. Исто така, многу почесто се бројат натпреварите на кои не давате голови, отколку оние на кои ја тресете противничката мрежа. Сите добро знаеме дека Душан поседува квалитет и е одличен стрелец, но не ми се допадна што во некои ситуации против Фрајбург не собра храброст ниту да шутне“, изјави Дел Пјеро.

Се погласни се гласините дека Јувентус на крајот од сезонава ќе го продаде српскиот репрезентативец, за кого сериозен интерес покажуваат премиерлигашите Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...