Дембеле казнет, го пропушта Ел Класико

Барселона ќе биде ослабена на вечното дерби против Реал Мадрид на 26 октомври, откако Усман Дембеле заработи суспензија од два натпревари за црвениот картон заработен на дуелот со Севилја. Францускиот офанзивец „поцрвене“ во финишот од овој дуел за приговор кон главниот судија Матеу Лахоз, кој во официјалниот извештај наведе дека Дембеле му рекол „Лош си, многу си лош“.

Каталонците се надеваа дека овој фудбалер ќе се спаси со само еден меч суспензија, но „дисциплинците“ денеска изрекоа санкција од два натпревари неиграње. Ова практично значи дека покрај дуелот со Еибар кој е прв по репрезентативната пауза, Дембеле нема да може да настапи ниту на „Ел Класико“ дуелот на „Камп ноу“ закажан за 26 октомври.

Барселона ќе треба да плати 700 евра казна за недисциплината на овој фудбалер, додека самиот играч е казнет со 600 евра парична казна.

Се вчитува...