Ден за финале: Роналдо, Дел Пјеро и Кафу едногласни – Ливерпул победува

Дојде и 1 јуни, денот на одигрување на големото финале во Лигата на шампионите во кое вечерва во 21 часот во Мадрид силите ќе ги одмерат Ливерпул и Тотенхем. Во пресрет на мечот за трофејот УЕФА направи мини-анкета меѓу бројни фудбалски ѕвезди, од кои поголемиот дел му даваат предност на Ливерпул во ова финале.

Неутралните фудбалски фанови најмногу би уживале доколку се оствари прогнозата на Алесандро дел Пјеро. „Финалето ќе заврши 4-4, а потоа Ливерпул ќе победи на пенали“ – порача легендарниот напаѓач на Јувентус.

Бразилецот Роналдо типуваше победа на „црвените“ од 3-1, неговиот сонародник Кафу триумф на Ливерпул од 2-1, исход што го прогнозираше и хрватската фудбалска легенда Давор Шукер.

Рафа Бенитез, кој го предводеше Ливерпул до последната европска круна во 2005 година, порача дека „црвените“ ќе имаат  потешка задача отколку што очекуваат.

„Сите очекуваат Ливерпул да биде подобар од лани и да го победи Тотенхем. Покетино создаде одлично балансиран тим што докажа дека може да победи секого. Затоа, за мене нема фаворити во ова финале“ – истакна Бенитез.

Еден од ретките кои прогнозираат триумф на Тотенхем е херојот од последната круна на Интер, Диего Милито, кој очекува победа на „спарси“ од 2-1 во вечерашниот меч за трофејот.

Се вчитува...