Денот кога кошарката остана без својот Моцарт – годишнина од смртта на Дражен Петровиќ

На денешен ден пред точно 28 години, еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња, Дражен Петровиќ замина во вечноста. Нема роденден на Дражен или годишница од неговата смрт која кошаркарските фанатици ширум светот пропуштиле да ја одбележат сите овие 28 години.

Многу мастило е потрошено сите овие изминати години во обидите со збор да се опише кошаркарска големина како Дражен Петровиќ, пишувани се бројни книги, монографии, подготвувани се документарни филмови, но никогаш до крај вистински не може да се заокружи делото на хрватскиот кошаркар… Дражен самиот по себе, веќе е мит!

Момчето од Шибеник, кого во неговиот град сите го препознаваа како „нашиот малечок“, дебитираше за матичниот клуб во 1979 година, а последниот натпревар го одигра во 1993 година, неполни 14 години потоа.

Кошаркарскиот Моцарт, како што го препознаваа насекаде во светот, својот пат на паркетот го почна на 13-годишна возраст.

„Никогаш не пропуштив ниту еден тренинг. Никогаш! Знаев да уфрлам после тренинзите и плус по 500 топки кон кошевите, а потоа поставував столови и дриблав уште половина час“ – ја објаснуваше Дражен тајната на својот успех.

Многу брзо во кариерата неговиот матичен клуб Шибеник му стана само отскочна даска, а веќе со неполни 20 години тргнувајќи по својот брат Александар Петровиќ беше лидер на моќната Цибона. Откако со репрезентацијата на поранешна СФРЈ освојуваше се што може да се освои на светските, европските и олимписките шампионати, многу брзо во дресот на Реал Мадрид стана најдобриот европски кошаркар.

И, после освојувањето на Стариот континент неизбежно беше остварувањето на неговиот сон – НБА лигата. Го облече дресот на Портланд, потоа и на Њу Џерси, иако не се наигра во него поради прераното несреќно завршување на неговиот живот.

 Дражен Петровиќ, иако повлечен надвор од него, не се плашеше од никого на паркетот. Секогаш ќе останат забележени неговите дуели со неповторливиот Мајк Џордан. Пред еден дуел меѓу САД и Хрватска на Олимписките игри 1992 во Барселона, ќе остане забележана една нивна меѓусебна конверзација…

 „Ќе ти забијам меѓу очите“ – му се обратил пред натпревар Џордан на Петровиќ, но зачудувачки тогаш за него веднаш добил контра одговор:

 „И јас на тебе. Верувај!“ – вратил Дражен. За време на мечот тоа и се случило!

 Во тоа време од НБА со потсмев гледаа на европската кошарка. А, Дражен Петровиќ заедно со Владе Дивац и Арвидас Сабонис беа единствените кои силно се обидуваа да го променат тој впечаток. И дефинитивно успеаја. Тоа се имињата кои го направија пресвртот на погледите од НБА кон Европа.

Кога беше пред повик за настап на Ол Стар викендот во 1993 година, како во моментот десетти најдобар стрелец во најсилната кошаркарска лига на светот, Дражен Петровиќ го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија. А, имаше уште толку многу кошарка пред себе!

И повторно денеска, на 7. јуни 2021 година, кошаркарскиот свет на момент ќе застане и ќе се потсети на еден голем спортист, пример за сите генерации.

Се вчитува...