„Дерби дела мадонина“ го враќа стариот сјај: „Гори“ Милано, играат Интер и Милан

Градската фудбалска пресметка меѓу Интер и Милан му носи посебен фудбалски шарм на Милано. Последните неколку години двата клуба не се при врвот на италијанскиот фудбал, но „Дерби дела мадонина“ е секогаш настан за кој се зборува долго пред натпреварот, и долго по неговото одржување. Оваа сезона и Интер и Милан имаат далеку поголеми амбиции, да се вратат на водечките позиции во Серија А, и тоа носи уште поголема возбуда во пресрет на вечерашниот дуел.

„Ќе се убијам, моите синови навиваат за Милан. Но, фудбалот е посебна игра и секој си го избира својот омилен тим. Јас сум „нероаѕуро“ и се надевам дека Интер ќе слави“, вели поранешниот играч на Интер.

Милан вложи повеќе од 200 милиони евра во реновирање на тимот пред почетокот на оваа сезона. Засега, тимот со резултатите и со игрите не ги оправдува очекувањата. Ова дерби е можеби и последната шанса за тренерот Винченцо Монтела да покаже дека може да ги одведе „росонерите“ до позициите кои клубот ги посакува.

„Не очекува тежок натпревар, секогаш е така против Интер. Ќе решаваат нијанси, и мислам дека подготвени за предизвикот. Се надевам дека „миланезите“ вечерва ќе се радуваат, ќе дадеме се од себе за да биде така“, изјави Винченцо Монтела, тренерот на Милан.

Многу работи во нападот на Интер зависат од капитенот Мауро Икарди. Ексцентричен на теренот, и надвор од него, но и дефинитивно напаѓач од врвна класа. Тој, се разбира, смета дека Интер ќе слави на вечерашното дерби.

„Милан потроши многу пари ова лето, но се покажа дека и тоа не е пресудно. Мислам дека ние оваа сезона се пронајдовме, добивме тренер кој ги респектира сите и знае да го извлече најдоброто од нас. На овие дерби пресметки секогаш одлучуваат мали нешта, но победата на крајот е толку голема, слават сите, фанови, симпатизери, старо и младо. Вечерва ќе слават сите кои навиваат за Интер“, порача Икарди.

Интер објави дека одамна сите билети за овој меч се распродадени, а постигната е и рекордна заработка за италијанскиот фудбал. Од продажбата на билетите се инкасирани 4,8 милиони евра.

Се вчитува...