Дерби на стартот на УС Опен – Шарапова против Халеп

Првото коло од УС Опен веднаш ќе донесе суперинтересна пресметка, откако втората носителка Симона Халеп за противничка ја доби Марија Шарапова. Русинката доби вајлд-карта за настап во Њујорк, откако поради долгата пауза е предалеку од рејтинг што ја носи директно на гранслем турнирите, но ждребот не и беше наклонет откако налета на Халеп, која на овој турнир гледа како на шанса за искачување на првото место на ВТА-листата. Мора да се истакне дека традицијата е целосно на страната на Марија Шарапова, која има шест победи и ниту еден пораз во пресметките со романската тенисерка.

Бранителката на трофејот во женска конкуренција, Анжелик Кербер, ќе се сретне со Наоми Осака од Јапонија, додека Гарбине Мугуруза по освоениот трофеј на Вимблдон, на стартот во Њујорк ќе ги одмери силите со Варвара Лепченко од САД.

На машкиот дел од турнирот, Рафаел Надал во првото коло ќе се сретне со Србинот Лајовиќ, а Шпанецот би можел во полуфиналето да налета на Роџер Федерер, кој на стартот ќе игра со Американецот Френсис Тиафое. Енди Мареј е во другиот дел од ждребот, Британецот во првото коло ќе ги одмери силите со Тени Сандгрен од САД, моментно на 104. место на АТП-листата.

Се вчитува...