МЗТ Скопје ја одбрани честа на „сино-белата“ страна на Скопје откако славеше во неизвесниот вечен дерби натпревар во „Јане Сандански“ против Работнички со 91-87. Во екстра интересниот меч аеродромци негатива имаа само во воведот на првото и второто полувреме, но и покрај очекувањата за „помирен“ натпревар на фаворизираниот АБА-лигаш, изненади Работнички кој се покажа како жилав противник со расположените Нотиџ и Форте на своја страна.
Двата тима беа расположени во нападот на отварањето на натпреварот. МЗТ Скопје направи предност благодарение на обидите за три поени, но Работнички се одржуваше во игра со „симултанката“ на Малешевиќ за 15-10. „Сино-белите“ успеаја на момент да го лимитираат Србинот, а преку Малик и Кефи стигнаа до највисоката предност од 23-15, но не успеаја истата и да ја задржат. За Работнички на сцена повторно настапи Малешевиќ, гостите одговорија и со украдени топки и во транзиција па со серија од 7-0 ја вратија и резултатска неизвеност за 23-22 по 10. минути игра. Преку Форте „црвено-белите“ и поведоа во воведот на втората четвртина, но МЗТ Скопје беше тој кој продолжи да го диктира темпото. Избраниците на Николиќ го заштитија рекетот, направија предност во нападот преку бековите па стигнаа и до првата двоцифрена предност (36-25). Но, и овој пат падот во играта на МЗТ Скопје ja врати резултатска неизвеноста. Во бркотницата на теренот казната дојде од бековите на гостите кои преку Џексон, Нотиџ и Шошкиќ влегоа во ритам за 44-41 на полуврмето.
View this post on Instagram
Натпреварот продолжи во изедначен ритам и во првите минути од второто полувреме, но домашниот состав повторно ја превзема иницијативата. Три минутниот пост на Работнички умешно го искористија искусните играчи на АБА-лигашот за предност од 60-47. „Црвено-белите“ во вистински момент се разбудија, го сопреа налетот на аеродромци, а со агресивната одбрана и расположениот Нотиџ ја вратија едноцифрената негатива за 64-55 по 30. минути игра. Американците во „црвено-бело“ продолжија да го полнат кошот на МЗТ Скопје. На крилја на Нотиџ, Форте и Џексон Работнички од минута во минута ја топеше негивата за 75-72 на четири минути пред крајот со што наговести неизвесна завршница.
Во неа царуваше Нотиџ кој со три тројки во низа не дозволуваше МЗТ Скопје да се одлепи на два поседа и покрај тоа што Војдан, Дамјан и Абу имаа одговор за секој погодок на бекот. Во финишот на мечот сепак пресуди реализацијата од линијата за слободни фралања. Форте имаше шанса на осум секунди пред крајот можеше да го доведе својот тим на само еден негатива, но откако промаши едно слободно фрлање за 84-82, на спротивната страна мирната рака на Војдан Стојановски донесе домашно славје во Аеродром.
Со 26 поени и 5 скока лидер на МЗТ Скопје беше Војдан Стојановски, додека него го следеа Вер и Абу со по 13 поени на кој центарот додаде и 11 скока. Нотиџ со 31 поен и 6 скока беше најрасположен кај Работнички, а 23 поени, 8 скока и 5 асистенции додаде Форте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА