Дербито на Кисела Вода за Академија ФМП

Кошаркарите на Академија ФМП славеа над новиот прволигаш КК Ангели (76-72) во рамките од второто коло од меморијалниот турнир „Анте Дуковски“, кој почна вчера во Скопје. По несреќниот пораз од Куманово, избраниците на Александар Петровиќ успеаја да го совладаат ривалот од скопската општина Кисела Вода, иако ФМП до победата стигна многу потешко од очекувањата.

Почетокот мина во доминација на кошаркарите на Академија ФМП, кои пред се благодарени на цврстата одбрана го диктираа темпото и резултатот. Првата четвртина заврши со убедлива предност на овој тим од 24-11, по што противникот успеа да се разбуди и да парира во вториот период, што КК Ангели го доби со минимални 17-18. Составот на Академија ФМП се соочи со проблеми во нападот против цврстата одбрана на новиот прволигаш, па Ангели ја добија третата четвртина со 13-20 и најавија камбек. Проблемите за тренерот Петровиќ се појавија откако Крстајиќ ја заработи петтата лична грешка, а противникот го искористи тоа и намали на 70-69 на 92 секунди до крајот.

Сепак, Филип Бакоч беше најдобар кога беше најзначајно, екс-кошаркарот на МЗТ Скопје реализираше двапати од поле и ја осигура победата, изразена со конечни 76-72.

Косанин со 22 поени и осум асистенции беше прв стрелец на Академија ФМП, еден помалку постигна Крстајиќ, додека кај Ангели најефикасни беа Самбри (24 поени и 12 скокови) и Мартиновски (22 поени).

Се вчитува...