Десет години Диего Симеоне на чело на Атлетико – „малерите“ станаа дел од европскиот фудбалски крем

Атлетико Мадрид е актуелен првак на Шпанија, тим што во последната деценија ги замрси сметките во „вечната војна“ меѓу Реал Мадрид и Барселона, стигнувајќи до тронот на Ла Лига и покажувајќи дека наспротив милионите на најбогатите, постои и друга, поинаква формула за успех.

Во случајот на Атлетико – таа формула се состоеше од носење на тренер што знае да извлече и повеќе од максимумот на секој играч, да создаде силен колектив и да се стигне до резултат подобар и од соништата на најголемите оптимисти меѓу најверните фанови на мадридските „црвено-бели“. Диего Симеоне е човекот што приврзаниците на Атлетико го слават со години наназад, а клубот денеска одбележува десетгодишнина од денот кога Аргентинецот седна на клупата на „јорганџиите“ на местото на Грегорио Манзано.

Мадридските медиуми се потсетуваат, на првиот тренинг на „Чоло“ во 2011 година беа присутни 5.000 фанови кои му даваа поддршка на новиот стратег, кој дојде на клупата само затоа што Луис Енрике ја одби понудата на Хил Марин, кој како „план Б“ реши да преговара со Симеоне и постигна договор – дефинитивно најзначајниот момент во поновата историја на Атлетико. Тимот во тој период го имаше прекарот „малери“, поради начинот на кој несреќно ги губеше клучните натпревари, но Аргентинецот успеа да го промени менталитетот во екипата.

Во овие десет години Атлетико девет сезони играше во ЛШ, двапати беше поразен во големото финале за европската круна. Во својата колекција има две титули во Ла Лига, еден во Копа дел реј, два во Лигата на Европа, два во Суперкупот на Европа и еден во Суперкупот на Шпанија. И сето тоа во ера во која Барса беше предводена од неповторливиот Лео Меси, а Реал во своите редови го имаше Кристијано Роналдо, помогнат од Бензема, Крос, Модриќ…

„Се е толку едноставно. Знаевме колку многу голови даваат Реал и Барса, баш многу. Затоа им реков на моите играчи, ние мораме да примаме многу помалку голови од нив“, коментира Симеоне.

И токму тоа се случи – Аргентинецот успеа да создаде дефанзивна машинерија која важи за една од најдобрите во Европа. Дури и кога „командантот“ Годин реши да го напушти клубот, Симеоне се погрижи Савиќ да биде достојна замена, потенцирајќи дека колективот секогаш е над секој поединец.

Добрите резултати придонесоа да се зголеми и вредноста на клубот, а со тоа Атлетико беше во можност и на пазарот да се натпреварува со најголемите европски клубови.

„Кога ќе погледнам наназад, не можам да кажам дека сум верувал дека ќе освојам толку многу трофеи. Знаев само дека ќе работам напорно и ќе го барам истото од сите мои играчи. Видете каде тоа го донесе Атлетико“, гордо коментира Диего Симеоне.

Атлетико Мадрид моментно е во криза, предалеку од трката за титулата во Ла Лига, но едно е сигурно, ако постои човек кој може да ги врати „јорганџиите“ на посакуваните патеки, тоа е токму тој – Диего Симеоне.

Се вчитува...