Десет прашања пред стартот на Премиер-лигата

Премиерлигашите се враќаат на терените. Новата сезона почнува утре, а непознаници пред стартот на кампањата има повеќе од било која друга година. Издвојуваме десет прашања кои се поставуваат пред сезоната во која битката за титулата се очекува да биде многу интересна.

1. Кој помина најдобро во преодниот рок?

Челси заврши најдобра работа во досегашниот дел од летниот преоден рок. На „Стемфорд бриџ“ пристигна плејада одлични млади фудбалери предводени од ѕвездата на Баер Леверкузен Каи Хаверц. Во Лондон стигнаа и Тимо Вернер од Лајпциг, Хаким Зијеш од Ајакс, Бен Чилвел од Лестер, како и искусниот бразилски стопер Тијаго Силва на кој му заврши договорот во ПСЖ. 

2. Дали одлуката на Ливерпул да не троши пари е правилна?

Јирген Клоп изјави дека не е се во купавањето на многу фудбалери бидејќи тие треба и да се воиграат. Ливерпул никого не купи во овој преоден рок и останува да се потпира на фудбалерите кои во минатите две години ја освоија европската титула и титулата во Премиер лигата. Дали е ова паметен потег останува да се види, бидејќи историјата покажала дека и кога го имаш најдобриот тим секогаш е добро тој да биде освежен со нови фудбалери кои се подготвени за докажување. 

3. Кој тим се надева на најголем напредок?

Тука мора да го ставиме Арсенал. Микел Артета е вистинско освежување за клубот од „Емирати“. Покажа дека е еден од најдобрите млади тренери во Европа и во неговиот краток престој во Лондон веќе донесе два трофеа за „топчиите“.

4. Кој е тренерот кој ќе има најголем предизвик? 

Еден од најтрофејните тренери на сите времиња Жозе Мурињо се наоѓа во период од кариерата во кој мора одново да се докажува. По не така славната приказна во Манчестер Јунајтед, тој го презема Тотенхем тим кој иако последните десет години е во врвот во англискиот и европскиот фудбал се уште не се израдува на трофеј. Доколку Португалецот успеа да донесе трофеј за Тотенхем буквално ќе стане легенда на клубот, но доклку остане и без настап во Лигата на шампионите ќе биде нов пораз во кариерата која по се изгледа е се поблиску до крајот. 

5. Во кој клуб ќе има најголема еуфорија?

Ова место може да му припадне само на еден тим. Лидс Јунајтед клуб кој по 16 години се врати во Премиер-лигата. Навивачите на Лидс се желни за премиерлигашки фудбал, а сето тоа ќе биде потполнето со Марсело Биелса кој е на клупата на тимот. Лидс ќе биде интересен и за македонските фанови бидејќи во името на Езгјан Алиоски повторно ќе имаме репрезентативец во најсилното фудбалско првенство во Европа. 

6. Кој клуб е најголема енигма?

Евертон. Буквално тим кој може да биде најпријатно изненадување, но и најголемо разочарување. Карло Анчелоти состави тим кој веројатно ќе им направи проблем на сите фаворит, но прашање е како ќе се однесува тимот кога во мечевите ќе влезе како фаворит. Хамес Родригез треба да донесе дополнителен квалитет во екипата со кој ќе се замешаат во борба за излез во Европа следната сезона. 

7. Кој млад фудбалер ќе експлодира?

И покрај проблемите кои ги имаше со скандалот во Исланд, Мејсон Гринвуд е опција број еден за наградта „Златно момче“ во новата сезона. Младата ѕвезда на Манчестер Јунајтед минатата сезона покажа дека има голем потенцијал, кој треба да го награди со одлични игри и во новата сезона.

8. За која ѕвезда ова ќе биде последна сезона?

Се очекува ова да биде последна сезона за Кун Агуеро во дресот на Манчестер Сити. Аргентинецот веќе девет години е член на „небесно сините“, а зад себе има 180 гола во Премиер-лигата.

9. Кој ќе биде најдобар стрелец?

Џејмс Варди. Фудбалерот кој се препороди во Лестер и стана легенда на клубот откако ја освои титулата во 2016 година. Поради големите ростер на фаворитите се очекува Варди да ја добие наградата најдобар стрелец бидејќи повторно ќе биде „прва виолина“ и фудбалер од кој се зависи на поранешниот шампион на Англија. 

10. Кој ќе го предизвика Ливерпул?

За крај веројатно и најважното прашање. Кои тимови ќе се борат за титулата. Очекувано е повторно тоа да биде двоецот Сити-Ливерпул, но конкуренцијата за разлика од претходните сезони е далеку поголема. Челси заврши одлична работа во преодниот рок, а тука се и Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Арсенал…

Се вчитува...