Дидие Дешамп ќе продолжи да ја извршува функцијата селектор на Франција и по мундијалот во Русија, откако екс-тренерот на Јувентус денеска потпиша нов договор како кормилар на „триколорите“, со важност до 2020 година.
Челниците на Француската Фудбалска Федерација не го кријат задоволството од работата на Дешамп, па без оглед на загубеното финале на последниот европски шампионат на домашен терен, „триколорите“ му понудија на овој стратег продолжување на соработката. Преговорите траеја дваесетина дена, за да финишираат успешно и Дешамп да ги прифати условите што му беа понудени од страна на ФФФ.
Дидие Дешамп е селектор на Франција уште од 2012 година, кога го замени на оваа функција Лорен Блан. Претходно, по богатата играчка кариера тој како тренер работеше во екипите на Монако, Јувентус и на Олимпик Марсеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА