Џеки Стјуарт: Фетел го достигна врвот, Хамилтон се уште го гради

Легендата на Формула 1, Сер Џеки Стјуарт, смета дека грешките и пропуштената титула во Ф1 шампионатот, покажуваат дека Себастијан Фетел го преминал врвот. Изјавата на поранешниот британски возач дојде откако Фетел на две трки пред крај и дефинитивно остана без пиедесталот, а Луис Хамилтон ја обезбеди петтата шампионска титула.

Сметам дека Себастијан го премина врвот, додека Луис се уште го гради својот. Нема причина Себастијан да не може да се врати, но ќе му биде многу тешко, бидејќи после сезона како оваа, човек станува многу покритичен кон себе и кон тоа  што сака и што не сака да прави“ – вели Џеки Стјуарт.

Тројниот светски шампион во Формула 1 истакнува дека Фетел, всушност, е две години помлад од Хамилтон, но дека четирите шампионски титули ги освои многу рано, па рано го достигна и зенитот во својата кариера.

„Тој дојде во Ф1 на 20 години, а со 26 веќе беше четирикратен светски шампион. Така што, не може постојно да ги обвинуваш другите. Ако се бориш за шампионска титула и ако гледаш дека одредено движење може да биде проблем, не го пробуваш по секоја цена, туку чекаш поволен момент. Многу ми се допаѓа Фетел и тој е многу добар возач. Многу е емотивен и технички можеби е најдобриот, но тој нема чиста психа како што имаше претходно“ – истакнува легендарниот британски возач.

На другата страна, Луис Хамилтон кој сега само две титули го делат од рекордните седум на Михаел Шумахер, најверојатно ќе биде силно мотивиран да го израмни, а можеби и да го надмине рекордот.

„Да, Луис може да го достигне тој резултат, има многу претпоставки за тоа. Во денешно време трките се повеќе, менаџментот е подобар, фабриките се поубави, тимовите се поголеми и има многу повеќе пари за да успееш во однос на порано“ – вели Сер Џеки Стјуарт.

До крајот на годинашниот Ф1 шампионат остануваат уште две трки, на 11 ноември ќе се вози трката за ГН на Бразил, а  на 25 ноември е завршницата во Абу Даби.

Се вчитува...