Поранешниот швајцарски репрезентативец, Блерим Џемаили, е задоволен од настапите на селекцијата предводена од Мурат Јакин која во трите меча од дивизијата Б во Лигата на нации има три победи и со едната нога е веќе во елитната дивизија.
Швајцарците новото издание на Лигата на нации го започнаа во Скопје и дуелот со Македонија кој го добија со 3:0, а со идентичен резултат славеа и во Глазгов против Шкотска. Во третото коло ја совладаа Словенија со 2:1.
Селекторот Јакин на денешната прес-конференција најави дека за утрешниот дуел против Македонија кој ќе се игра во Луцерн, ќе направи неколку измени, а Џемаили смета дека дуелот со „црвено-жолтите“ е идеален за такво нешто.
„Импресиониран сум од сериозноста, прикажаната игра и доминацијата во трите натпревари на Швајцарија. Македонија, Шкотска и Словенија не се топ селекции, но игрите на Швајцарија не смеат да се потценуваат. Натпреварот против Македонија е идеален за селекторот да направи измени. Швајцарија ќе доминира во поседот на топката и ќе мора да најде начин да ја пробие одбраната на Македонците. Мислам дека селекторот би требало да му даде шанса на Винсли Ботели да започне во првиот тим бидејќи со неговите физички предиспозиции може да „влече“ двајца дефанзивци врз себе, што би им создало простор за другите играчи“, вели Џемаили за „Блик“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
