Легендата на Челси вели дека трансферот во Арсенал му бил голема грешка

Поранешниот бразилски репрезентативец Вилијан, по седум години поминати во Челси, во 2020 година, одлучи да потпише за градскиот ривал Арсенал и сега тврди дека тоа му е голема грешка. Бразилецот сакаше да потпише нов тригодишен договор со Челси, додека управата му нудеше соработка само на две години. Во тие моменти, се појави Микел Артета кој успеа да го убеди да потпише за Арсенал.

„Ми рече дека ќе ми ги даде “клучевите“ од тимот и дека ќе ја гради екипата околу мене. Такви работи секогаш е убаво да се слушнат, а бидејќи бев во последната година од договорот со Челси, одлучив да потпишам за Арсенал“, вели Вилииан.

Тој на почетокот беше среќен што стана „топчија“, но набрзо сфати дека донел погрешна одлука.

„Кога дојдов во Арсенал бев среќен и задоволен, но по три месеци на агентот му реков дека сакам да си одам. Бев фрустриран бидејќи работите кои ми беа ветени, не ги исполнија. Покрај тоа, не играв добро, а кога не играте добро, тогаш не се ни чувствувате добро“, зборува Вилијан во поткастот кај соиграчот од Челси, Џон Оби Микел.

Вилијан од Арсенал си замина по само 37 одиграни натпревари. Тој се уште е активен фудбалер, но е без клуб откако летото го напушти бразилскиот тим Гремио.

Се вчитува...