Седлоски: Знам што зборувам, знам што правам, и утре ќе има новитети!

ЕКИПА во Луцерн, Швајцарија
Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Гоце Седлоски истакна дека знае што зборува и што прави кога е во прашање националниот тим. На прес-конференцијата пред дуелот со Швајцарците, Седлоски нагласи дека повторно ќе има промени во стартниот состав на репрезентацијата како би имало свежина по сите претходни три натпревари.

„Пред десет дена игравме со Швајцарија и добро знаеме за каква репрезентација станува збор и со какви играчи располага. Утре со една колективна игра мора да ги отстраниме оние аномалии покажани на првиот натпревар, и со добар меч да се потрудиме да дојдеме до еден позитивен резултат“ – рече Седлоски.

А, што значи добар натпревар?

„Да одиграме квалитетно, да се обидеме поофанзивно да одиграме, да дадат играчите се од себе. Не ги критикувам играчите дека не даваат се од себе, но мора да се потрудиме повеќе. Ќе има и новитети во тимот, повторно ќе има нови играчи, ќе има свежи играчи затоа што мора да признаеме дека претешко е во само десет дена да се одиграат четири натпревари. Е, сега кој ќе игра и во каква формација ќе играме ќе видиме утре… Секако дека мора ние, почнувајќи од мене, да одговориме подобро од она досега покажано кога сме во репрезентацијата. Затоа мора да го дадеме максимумот за Македонија“.

Македонската репрезентација е под силни критики откако Седлоски ја презеде селекторската фунција и нема седум натпревари по ред ниту погодок, ниту победа…

„Да, имаме критики од јавноста и повторно повикувам критиките да одат кон мене а сега е потребна поддршка за играчите… Знам дека критиките во одредена мера се заслужени, но мора да се има трепение кога се работи промени. А, за играчите, против Швајцарија кога играат во националниот дрес не им треба посебна мотивација“.

Дали ќе биде во комбинација Езгијан Алиоски?

„Се крена преголема фама околу играњето или неиграњето на Алиоски. Џани требаше да влезе во игра на дуелот со Швајцарија во Скопје, но се повреди пред тоа и потоа мина низ неколку неопходни третмани. Сега е подготвен и е во комбинација за настап на утрешниот дуел“ – истакна селекторот Седлоски.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра утре (6 октомври) со почеток од 20:45 часот на „Термоплан арената“ во Луцерн.

Се вчитува...