Муслиу: Мора да го ставиме прстот на чело, така не се игра кога се претставува државата!

ЕКИПА во Луцерн, Швајцарија
Владимир Булатовиќ

Централниот дефанзивец на македонската репрезентација, Висар Муслиу веднаш по претходниот дуел со Шкотска потенцираше дека националниот тим не е шега и секој кој е во тимот мора да го стави прстот на чело, за да не се случуваат вакви очајни игри како во 2026 година. И на прес-конференцијата во Луцерн, пред утрешниот натпревар со Швајцарија, Муслиу со идентичен став…

„Мора да признаеме дека минуваме низ еден тежок период затоа што изминатите осум години покажавме навистина добри резултати, па јавноста ја навикнавме со позитивни резултати. И, по мечот со Шкотска истакнав дека репрезентацијата не е зае*анција. Тоа е еден вид самокритика кон сите нас кои сме во репрезентацијата дека мора да го ставиме прстот на чело и да размислиме добро како играме на терен и колку даваме се од себе“ – истакна Муслиу.

Како ги чувствувате критиките од јавноста?

„Па, видете, и ние сме луѓе, имаме и носиме емоции и нормално кога има многу навреди кон нас нималку не е пријатно чувството. И ние сме свесни дека играме лошо, но токму во тие моменти најмногу ни треба поддршка, затоа што најмногу ние самите сакаме да биде подобро. Можеби ни треба поддршка за да стигнеме до подобри резултати во иднина“.

Што се однесува за утрешниот натпревар?

„Швајцарија не е силна селекција само во офанзивата. Тие се исклучително силни почнувајќи од голманот па до самата офанзива. Ако сакаме да бидеме успешни утре мора да дадеме повеќе од 100% од себе. Само така може да им парираме“ – рече Муслиу.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра утре (6 октомври) со почеток од 20:45 часот на „Термоплан арената“ во Луцерн.

Се вчитува...