Џенова ја очекува жестока борба за опстанок во италијанската фудбалска елита, а челниците на тимот на Горан Пандев имаат амбициозен план – да го вратат во своите редови Кжиштоф Пјонтек. Полскиот голгетер ги мина најдобрите месеци во кариерата токму како член на Џенова, кога одличните настапи крај Горан Пандев му обезбедија трансфер во Милан. Интересно, тренер на Џенова во тој период беше Балардини, кој пред неколку дена се врати на кормилото на овој италијански прволигаш.
Пјонтек не се изнаигра во Милан, не е во топ-форма ниту во Херта (само три гола сезонава), па лесно може да се случи сега да се врати назад во Џенова. Челниците на клубот веќе стапиле во контакт со Херта, барајќи го одличниот голгетер на шестмесечна позајмица.
Доаѓањето на Пјонтек би значело заминување на Џанлука Скамака, кој нстапува како позајмен играч од Сасуоло. Сериозен интерес за Скамака покажува во Милан, кој во младиот напаѓач гледа резервна опција за Ибрахимовиќ, па лесно може да се случи Пандев да добие нов партнер во нападот за вториот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА