Џерард: Изградете му статуа на Клоп пред „Енфилд“

Долгогодишниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард, им порача на челниците на клубот да почнат со подготовки за изградба на статуа на Јирген Клоп пред стадионот „Енфилд Роуд“. Според Џерард, Клоп мора да добие вакво признание поради враќањето на Ливерпул на старите шампионски патеки. Под негово водство „црвените“ одиграа три европски финалиња, освоија една титула во ЛШ, а сега се на добар пат да стигнат и до пехар во Премиер-лигата.

За мене нема дилема, Клоп е најдобар тренер во историјата на фудбалот. Постојат многу врвни тренери како Гвардиола, Анчелоти… но Клоп го крена Ливерпул на едно неверојатно ниво. Да не заборавиме дека во 2015 година, кога Клоп пристигне, Ливерпул беше далеку од врвот на европскиот фудбал. Денеска „црвените“ се актуелни шампиони на Европа, а сите ја чекаме и титулата во Премиер-лигата. Клоп е скромен, не верувам дека би се согласил на мојот предлог, но со оглед на она што го стори за Ливерпул верувам дека мора да добие своја статуа пред „Енфилд“. Тој мора да биде рамо до рамо со најголемите во историјата на Ливерпул“, вели Џерард.

Поранешниот англиски репрезентативец со успех го води тимот на Глазгов Ренџерс и уште сега се споменува како главен кандидат за наследник на Клоп кога Германецот ќе реши да си замине од кормилото на Ливерпул.

Се вчитува...