И покрај големите проблеми со кои се соочува Вардар одигра одлично во првиот натпревар во пролетниот дел од сезоната против Пелистер (2-2). Сега „црвено-црните“ ги очекува најтешкиот можен дуел, гостувањето во Тетово кај лидерот Шкендија. Тренерот на најтрофејниот македонски клуб, Никола Илиевски – Џиџи вели дека Вардар не оди со „бело“ знаме во Тетово и дека ќе даде максимум на утрешниот меч.
„Вардар нема да оди со бело знаме во Тетово. Шкендија е голем фаворит на натпреварот, но ние нема лесно да се предадеме. Се уште сме во фаза на подготовки бидејќи заедно одработивме само десет тренинзи. Десет искусни фудбалери ни заминаа од тимот, додадов десет од младинската школа и имаме уште пет шест искусни кои се носители на играта. Младите имаат шанси да се докажат и да покажат дека заслужуваат да го носат „црвено-црниот“ дрес. По Шкендија веќе во среда не очекува нов меч во Тетово, против Ренова и затоа мора да комбинирам со составот. Сепак, нема жалење, бидејќи да не верував во овој тим јас немаше ниту да го прифатам овој предизвик“, вели Илиевски за ЕКИПА.
Натпреварот на градскиот стадион во Тетово е закажан за утре со почеток од 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА