Џонсон даде зелено светло: Премиер-лигата стартува во јуни, но нема да има публика до јануари!

Спортските возбудувања во Велика Британија ќе бидат дозволени од почетокот на месец јуни откако британската влада денеска го објави планот за олабавување на мерките во борба против коронавирусот. Премиерот Борис Џонсон во изминатите денови даваше охрабрувачки изјави за враќање на спортистите на терените, а зборовите беа претворени во дела со денешниот документ за детално планирање за враќање на животот во нормала.

Како што соопштија властите, сите спортски настани остануваат забранети до 1 јуни, но потоа ќе бидат дозволени „културни и спортски настани зад затворени врати, за да се спречи ризикот од ширење на коронавирусот“. Сето ова ќе важи доколку во меѓувреме се стабилизира ситуацијата и бројот на заразени се движи во надолна линија, нешто што е тренд во Велика Британија во последните денови.

Челниците на Премиер-лигата претходно го посочија 12 јуни како можен датум за рестартирање на натпреварувањето, а по зеленото светло од Владата се очекува клубовите што поскоро да се договорат и официјално да го верификуваат датумот за продолжување на фудбалските возбудувања.

Оптимизмот е далеку помал кога станува збор за публиката. Јасно е дека сезонава ќе се доигра без навивачи на трибините, но Премиерот Џонсон најавил дека фановите нема да бидат присутни ниту на стартот на новата Премиер-лига, а стадионите ќе останат празни се до јануари 2021 година.

Се вчитува...