Џордан го продава Шарлот Хорнетс

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Мајкл Џордан одлучи да го продаде својот мнозински удел во Шарлот Хорнетс, франшизата која е веројатно неговиот најголем неуспех во НБА.

Џордан во далечната 2006 година реши да инвестира во Хорнетс и по четири години стана мнозински сопственик на клубот од Северна Каролина. Хорнетс со сезони немаат голем напредок, па Џордан реши да го продаде својот удел во клубот и на тој начин да ја напушти најдобрата кошаркарска лига во светот.

ЕСПН објави дека Мајкл Џордан е во преговори за продажба на мнозинскиот удел во оваа франшиза, а меѓу потенцијалните купувачи се Габ Плоткин, кој поседува помал удел во Шарлот и Рик Шнал, кој е малцински сопственик на Атланта Хоукс.

Иако преговорите се во тек, првичните извештаи велат дека продажбата не е ни блиску, бидејќи Џордан би сакал некако да остане вклучен во Хорнетс и да биде малцински сопственик. Тој ја купи франшизата за 275 милиони долари, а вредноста оттогаш се зголеми.

Хорнетс само двапати се пласираа во плејофот, последен пат во 2016 година. Пет тренери поминаа низ клубот во кој немаше голема ѕвезда од Кемба Вокер.

Се вчитува...