Џозеф со 13 поени за две минути донесе пресврт во Кисела Вода

Кори Џозеф се погрижи двата домаќина на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“ да не стигнат до победи на отврањето на турнирот откако во натпреварот помеѓу Академија ФМП и Куманово постигна 13 поени во последните две минути за победа на „сино-белите“ од 66-71.

Двата тима го отворија натпреварот со игра во серии, а така продолжи и до самиот крај. Куманово поведе со 8-1 на воведот на мечот, а потоа следеше добра игра на „академиците“ кои преку Крстајиќ и неговите осум поени го преземаа водството (11-9). Сепак гостите ги консолидираа своите редови пред самиот крај на првите 10. минути и преку Американците Холмс и Џозеф стигнаа до 11-14. Во втората четвртина повторно следеше нов пад во играта на Куманово кој знаеја да го искористат избраниците на Петровиќ. Домаќините одиграа одлично во одбраната каде дозволија 11 поени, а во нападот се активираа и Стојановски, Бакоч и Двојаковски за водство од 35-25 по првото полувреме.

Стекнатата предноста домаќините ја задржаа и на отварањето на второто полувреме, но како што одминуваше третата четвртина, „сино-белите“ успеаја да го променат текот. При водство од 51-43 на Академија ФМП, Куманово влезе во претпознатлив ритам и со серија од 8-0 стигна до изедначување. ФМП ги консолидираше своите редови и преку Косанин стигна до „комотна“ предност (58-51), која ја чуваше се до последните две минути (66-61). А, кога се чинеше дека домаќинот ќе приреди мирен финиш, Џозеф „експлодираше“ на теренот и постигна 13 поени за две минути со кои „сино-белите“ стигнаа до победа од 66-71.

Предводници на домашниот тим со по 22 поени беа Крстајиќ и Косанин, додека Бакоч во своето деби за „академиците“ постигна 5 поени и 8 скока. Херјот Џозеф беше предводник на „сино-белите“ со 22 поени, 19 поени и 5 скока забележа Зивчевиќ, додека Каплановиќ еден скок го делеше од дабл-дабл учинок со 15 поени.

Се вчитува...