Дибала и Гризман во Баерн Минхен во 2019 година?

Баерн Минхен планира да направи голем шопинг за наредното лето, кога се очекува баварскиот гигант за првпат да ја надмине и границата од 100 милиони евра што ќе ги потроши на ангажан на еден фудбалер. Баварците на крајот од сезонава и дефинитивно ќе се простат од Франк Рибери и од Арјен Робен, а желба на раководството на германскиот првак е на нивно место да бидат доведени две големи ѕвезди на светскиот фудбал, Пауло Дибала и Антоан Гризман.

Дибала летово беше поврзуван со Реал Мадрид, но Јувентус реши да го продаде Игуаин и да го задржи Пауло како поддршка за Кристијано Роналдо. Тој дефинитивно е недостапен за трансфер до крајот на преодниот рок, но Баерн го посакува дури за наредната сезона. Како што јавува весникот „Билд“, баварскиот гигант сака преговорите да ги почне на стартот од 2019 година и час поскоро да постигне договор. Подготвена е и понуда од 100 милиони евра што според Баерн треба да биде доволна за да се осигура потписот неколку месеци пред почетокот на преодниот рок, за да не се влезе во лицитација со англиските премиерлигаши со што цената би можела дополнително да порасне.

Потешко ќе биде да се убеди на трансфер Антоан Гризман, откако францускиот ас летово ја одби Барселона и потпиша нов договор со Атлетико Мадрид. Во новиот договор постои клаузула од 200 милиони евра, но дури и доколку таа биде платена, потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди Гризман на преселба во Минхен.

 

Се вчитува...