Дибала во Милан, тоа е трансферот на летото во Калчо-лигата

Пауло Дибала е сериозна трансфер-опција за Милан откако „росонерите“ тргнаа во целосна офанзива за ангажман на врвен голгетер што подолг период би бил предводник на нивниот напад, со оглед на фактот дека и Ибрахимовиќ и Жиру се приближуваат до крајот на кариерите.

Дибала долго време настојуваше да биде лојален кон Јувентус истакнувајќи дека доколку се случи да си замине, тоа од почит кон „старата дама“ нема да биде во друг италијански клуб. Сепак, ситуацијата целосно се променила по вчерашните неуспешни преговори за нов договор, по кои Аргентинецот дефинитивно останал навреден од челниците на клубот.

Ова се обидува да го искористи директорот на „Росонерите“, Паоло Малдини, кој ги интензивирал контактите со агентот на аргентинскиот ас. Понудата на маса е во вредност од девет милиони евра по сезона, значително повисока од оние шест милиони што Дибала ги доби од Јувентус, па Аргентинецот сериозно размислува да ја прифати оваа опција и да продолжи во Калчо-лигата, каде ја мина својата целокупна интернационална кариера (Палермо, Јувентус…).

Како опција беше споменуван и Интер, но „нероаѕурите“ сега се сконцентрирани на можноста за враќање на Ромелу Лукаку од Челси, што широко ја отвора вратата за Милан да го осигура трансферот на сезоната уште пред официјално да стартува летниот преоден рок.

Се вчитува...