Дибиров потпиша – уште една година во Вардар

Тимур Дибиров ќе продолжи да го носи дресот на Вардар уште најмалку една сезона откако рускиот ракометар и дефинитивно ги договори условите за продолжување на соработката со „црвено-црните“.

Раководството на Вардар води интензивни преговори со играчите кои сака да ги задржи во тимот, а по постигнатиот договор со Филип Талески сега беше договорена едногодишна соработка и со Дибиров, кој важи за еден од играчите со најдолг стаж во „црвено-црното семејство“.

„Можеме да потврдиме дека е постигнат договор со Дибиров, кој ќе остане во Вардар и во наредната сезона“, потврдија од таборот на „црвено-црните“.

Се очекува во најскоро време да биде потврдено и останувањето на Гоце Георгиевски, кој ќе биде прва опција на позицијата десно крило по дефинитивното заминување на Чупиќ во Загреб. Покрај Чупиќ тимот сигурно ќе го напушти и Германецот Дисингер, додека голманот Кизиќ веќе го комплетираше трансферот во Еурофарм Работник.

„Црвено-црните“ напорно работат и на обезбедување на засилувања за наредната сезона, за кога веќе се договорено екс-ракометарите на Металург, Дарко Ѓукиќ и Мартин Тимовски, потоа хрватскиот бек Анте Кудуз, полското крило Јан Чувара и шпанскиот репрезентативец од Нант, десниот бек Едуардо Гурбиндо.

Се вчитува...