Димитриевски: Секој сонува еден ден да брани на „Бернабеу“

Столе Димитриевски се наметна и во новиот клуб, па од неодамна се избори и за улогата на прв голман во Рајо Валјекано, помагајќи му на својот тим да влезе во победнички ритам. Токму затоа сега Македонецот е во фокусот на мадридската јавност во пресрет на утрешното гостување на „Сантијаго Бернабеу“ против европскиот првак Реал Мадрид.

„Секој голман сонува еден ден да брани на „Бернабеу“, без оглед што е многу тешко да се издржи кога против себе се има Реал Мадрид. Јас не сум исклучок, голема чест ќе ми биде да настапам на овој стадион што Македонците го паметат по добро, бидејќи Горан Пандев токму овде со Интер стигна до својата европска титула. Знаеме дека Реал е во криза, но колку и да звучи клише  – Реал секогаш е Реал, секој може со еден потег да реши натпревар. Реално, само голманот Куртоа не ми е опасност да даде гол утре, тоа е моќта на овој голем клуб, кој сигурно ќе биде дополнително мотивиран по поразот во ЛШ од ЦСКА Москва“ – истакнува Димитриевски во интервју за тиражниот шпански весник „Марка“.

Тој не крие дека ужива во животот во Мадрид, а целото интервју е правено во метрото на шпанската престолнина, превозно средство што Димитриевски редовно го користи.

„Ми се допаѓа се во градот, можеш да уживаш во фудбал, кошарка… дури и финалето од Либертадорес беше во Мадрид. Патувам со метри бидејќи ми е најбрзо, стигнувам до центарот, максимално го користам времето и потоа се враќам назад. Живеам во близина на стадионот на Рајо и многу ми се допаѓа, луѓето со прекрасни кон мене, секогаш го поддржуваат тимот, дури и во периодите кога не ни оди најдобро. Сетоа тоа ни дава поголема самодоверба и сила да ги надминеме проблемите, за да им возвратиме со победи“ – вели Димитриевски.

Македонскиот репрезенттативец беше прашан и за својот голмански идол, а откри дека има два.

„Тер Штеген и Облак, двајцата бранат во Шпанија. Ме воодушевува самодовербата, смиреноста на Тер Штеген, кој дури и кога ќе направи некоја грешка останува мирен исто како и по некоја грандиозна интервенција. Облак пак секогаш е смирен и дава сигурност на целата одбрана, тоа е спектакуларно“ – истакнува првиот голман на македонскиот национален тим.

Се вчитува...