Ненад Димитријевиќ продолжува со фантастичните настапи во дресот на Уникс, каде македонскиот ас со серија извонредни партии јасно покажа зошто е актуелен МВП на силната ВТБ-лига.
Македонецот во последното интервју говореше за случувањата на клупски план, но се осврна и на македонската репрезентација и слабите резултати на нашиот национален тим во последните десетина години.
„Го следев тој успех на Евробаскет 2011, цела нација беше пресреќна. Луѓето тогаш се сменија, кошарката стана спорт број 1 и сите бевме горди. За жал, тоа баш и не е случај во последните години“, истакна Димитријевиќ.
Тој се осврна и на почетокот на новиот квалификациски циклус и дуелите со Естонија и со Полска на кој нашата репрезентација забележа една победа и еден пораз.
„На првиот меч со Естонија имав силни грчеви и не можев да го довршам дуелот на вистински начин. Против Полска игравме како екипа, паметно и во одбраната и во нападот. Многу сум среќен и би сакал и во ноември да продолжиме во ист ритам. Секогаш е прекрасно чувството кога ќе се вратиш во клубот по добри резултати во репрезентацијата, полн си со самодоверба“, вели најдобриот македонски кошаркар.
Тој најавува и дека во иднина секогаш ќе биде на располагање на националниот тим во обид да остави силна трага и во црвено-жолтиот дрес.
„Имав проблеми со коронавирусот, потоа во Валенсија ја скинав задната ложа, сето тоа се поклопуваше со прозорците во ноември. Еднаш откажав затоа што штотуку потпишав со Валенсија. Никогаш не било во прашање дали јас сакам или не сакам да играм за Македонија, едноставно некогаш се случуваат работи што не можете да ги контролирате. Мене ми е гордост да играм за својата земја. Точно е дека сум разочаран од нивото на целата кошарка кај нас, стандардите се толку ниски. Се обидувам да помогнам барем со совети, а дали некој ќе ме послуша и колку, тоа не зависи од мене“, порачува Ненад Димитријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА