Димитријевиќ откажа – Македонија уште поослабена во претквалификациите

Македонија ќе биде уште поослабена на претстојните претквалификациски турнири во Скопје откако настапот за националниот тим го откажа и Ненад Димитријевиќ.

Најдобриот македонски кошаркар во моментов долго време тактизираше со настапот во овие претквалификации, за на крајот да донесе одлука – да не му се стави на располагање на селекторот Бајиќ и наместо тоа да замине за Валенсија, на почетокот од подготовките во својот нов клуб.

Раководството на КФСМ е крајно разочарано од ваквиот однос на младиот плејмејкер, кој требаше да биде нов лидер на националниот тим, но во последните години премногу ретко беше ставен на располагање на селекторите. Се очекува во најскоро време и „куќата на кошарката“ да се огласи и да го официјализира отсуството на Димитријевиќ, кое дополнително ги намалува нашите шанси за пласман во главните квалификации.

Само за потсетување, новиот селектор Бајиќ од претходно не можеше да смета ниту на браќата Војдан и Дамјан Стојановски, повреден е и Стојан Ѓуроски, а неизвесен е и настапот на најдобриот млад македонски кошаркар, Андреј Јакимовски, кој исто така се мачи со повреда.

Се вчитува...