Легендата на екс-ју кошарката Дино Раѓа преку својот фејсбук профил се одлучи да ја чепне најболната тема која, без сомнение, е табу тема во секоја земја кога се во прашање младите спортисти… А, тоа е притисокот кој голем број млади деца знаат да го трпат кога тргнуваат со спортот поради „болеста“ на своите родители.
Раѓа ја искажа својата фрустрација од начинот на кој денеска функционираат нештата во спортот, како се се врти околу „парите“ и како родителите се обидуваат со сила да направат некој нов Меси, Кукоч или Марадона….
„Мора да напишам околу една болна тема. Ќе избегнувам имиња затоа што не сакам никому да му правам реклама, или да го навредувам. Ми се јавува еден добар пријател и ме прашува дали може да испијам едно кафе со родител чие дете игра фудбал. Му велам дека немам никаква врска со фудбал, но пријател е пријател и ајде се согласувам. Се наоѓаме ние, а ликот бара спонзор. Вели дека ако малиот тренирал во Најк или Адидас опрема дека скаутите поинаку го гледале. Јас гледам и слушам со неверување. Баш мене најде таа приказна да ми ја продаваш, па му велам дека тоа нема никаква врска со реалноста. Онака со убаво се обидувам да го освестам и му кажувам дека најпрво ќе прашам пријател кој се занимава со фудбал кој е малиот воопшто. Но, после неколку дена целата приказна ми се разјаснува. Малиот се слика со мене, се разбира за време на нашиот разговор, и потоа сето тоа го става на Инстаграм со објаснување дека јас сум негов менаџер и дека сме потпишале договор. Така да, ако слушнете дека јас се занимавам со таа работа – апсолутно НЕ Е ВИСТИНА. Не сакам да се занимавам со менаџерство ниту во кошарката, а не пак во фудбалот каде немам појма. На крајот слушам дека малиот и воопшто не е некаков талент. Класика“ – ја раскажува Раѓа својата приказна на фејсбук профилот и продолжува со главниот заклучок:
„Ова е само еден пример што прават денеска родителите со сиротите дечиња. Каде и да одиш, на било кој спорт, слушаш како родители преку ограда се дерат на децата и им кажуваат што треба да работат. Сите се знаат. Сиротите дечиња се малтретирани и психички и физички поради желбата на неговиот родител да направи од него нов Меси или Кукоч. Не разбираат дека треба да остават клубовите и тренерите да работат со децата. Па, и главниот проблем на децата е што не знаат кого да слушаат. Разноразни адвокати, сметководители, доктори, месари, фризерки, ѕидари и останати ве молам оставете ги своите деца на мир, во рацете на оние кои се спортски образовани. Да, треба да ги поттикнувате да се занимаваат со спорт, но опсесијата со пари и успех по секоја цена се тотално промашување кое само штети на вашите деца. Со спортот со кој се занимаваш мора најпрво од срце да го сакаш и со задоволство да одиш на секој тренинг. Сепак, тоа е само игра. Се друго потоа доаѓа само од себе. Некој кој е талентиран се гледа од авион. Но, тоа вие родители не можете да го видите освен ако не сте професионалец во спортот. И за крај уште една важна работа. Менаџерите би требало да работат за играчите, а не играчите за менаџерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА