Пред да влезе во кошаркарската „Куќа на славните“ во Спрингфилд и да се придружи на кошаркарските легенди како Џордан, Петровиќ, Чемберлен, Чосиќ, Бирд…, Дино Раѓа отвори фејсбук профил на кој објавува барем по една приказна за лицата кои кошаркарски, но и човечки, го обликувале.
Пишуваше Раѓа за своите тренери, соиграчачи, доктори, најблиски… па ред дојде и на Владе Дивац, негов соиграч од репрезентацијата на поранешна Југославија и голем пријател од кого и денеска не се разделува.
„Тој секогаш ми беше некое мерило од кого морав да бидам подобар. Поради него се мотивирав и самиот себе. Од 1986 до 1991 повеќе бев со него, отколку со моите дома. Одлично се согласувавме на терен и надвор од него. Се знаевме во душа…. Во комбинација со Тони Кукоч и Дражен Петровиќ игравме перфектно колку ни душа сака. Двајцата направивме величествени кариери и мислам дека местото му е во Куќата на славните. Само прашање на време е кога тој и Тони Кукоч ќе се најдат таму, а јас ќе се радувам најмногу“ – пишува Раѓа, притоа раскажувајќи и една анегдота…
„Дивац прв меѓу нас имаше автомобил. Фамозниот Југо 45. Кога и да дојдев да играм во Белград, тој ќе ми го оставеше пред хотел со клучевите на брава. Еднаш двајцата се возевме со него а доцневме на тренинг, па брзавме, а автомобилот шкрипи… Го наговарам јас него да одиме на некој сервис. И ни вели механичарот: ‘Па вие не сте нормални… Ќе загиневте со ваков автомобил“. А што знаевме ние тогаш“ – раскажува Дино Раѓа…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА