Дмитро Горига на собирот на репрезентацијата: „Ја знам македонската химна, љубовта кон Македонија почна со Вардар!“

Македонската машка ракометна репрезентација денеска, под водство на селекторот Кирил Лазаров во хотелот „Александар Палас“ во Скопје го означи првиот собир за престојните два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија.

А, токму селекторот Лазаров беше тој кој во „Александар Палас“ го пречека новопечениот македонски репрезентативец, натурализираниот Украинец, и довчершен ракометар на Вардар, Дмитро Горига, кој во иднина ќе игра за Македонија.

Хориха во првата изјава пред македонските медиуми не криеше дека е навистина среќен што ќе игра за Македонија…

„Ова е прв мој повик за репрезентацијата, и сигурно сум среќен. Голема одговорност за мене, и свесен сум дека тоа можеби на почеток ќе ми носи малку нервоза, затоа што знам колку ракометот се сака во Македонија. Огромна разлика во однос на Украина. Мора да покажам дека навистина сум подготвен да му помогнам на тимот, подготвен сум да го дадам максимумот за Македонија и на овие престојни натпревари и секогаш во иднина“ – рече Горига на првиот собир на репрезентација.

„Голема благодарност за сите македонски навивачи кои ме поддржуваат. Голема благодарност на сите кои направија се да го добијам македонскиот пасош, затоа што навистина сакав да играм за Македонија. Оваа љубов кон Македонија почна со Вардар, навистина ја чувствував и ја чувствувам целата љубов од навивачите на Вардар во целата сезона, и ја возвраќам истата. Повторно ќе кажам, од срце сакам да играм за Македонија, ја знам македонската химна затоа што сакам да ја знам и ќе дојдам секогаш и секаде кога и да бидам повикан“.

Македонија во квалификациите е во групата 8, заедно со Шведска, Грција и Луксембург. Прв противник во квалификациите е селекцијата на Луксембург. Натпреварот ќе се игра во среда, со почеток во 19 часот, во СЦ „Борис Трајковски“, додека четири дена подоцна Македонија и гостува на Грција.

Се вчитува...