Лазаров на првиот собир: Не бегаме од фаворитската улога

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир во пресрет на новиот квалификациски циклус, овојпат во борбите за пласман на ЕП 2028.

Селекторот Кире Лазаров очекува добра работа и позитивни резултти од самиот почеток на новиот циклус, што го отвораме в среда со домашен натпревар против Луксембург по што ќе следи и гостување против Грција.

„Повторно сме на собир на еден нов квалификациски циклус, желбата е јасна – да се стигне до уште едно големо натпреварување. Тргнуваме дома со Луксембург и не бегаме од фаворитската улога, немаме многу време за подготовки и воигрување, но ќе го искористиме максимално. Луксембург доаѓа со нов селектор, познато име во светскиот ракомет како Дидие Динар, немаме никаков видео запис околу тоа како изгледа оваа репрезентација со новиот кормилар, но ќе се подготвиме најдобро што можеме и ќе бидеме фокусирани на нашата игра“, истакна Лазаров.

Дуелот в среда ќе претставува и можност за деби на Дмитро Горига, украинскиот бек кој доби македонски пасош и ќе му биде на располагање на Лазаров.

„Како што кажав и на последната прес-конфренција, Хорига е квалитетен играч кој ќе донесе дополнителен плус во нашата игра. Немаме премногу време, но верувам дека брзо ќе се адаптира, дека позитивно ќе биде прифатен од остатокот од репрезентацијата и ќе го прикажува она што сите ние го очекуваме од него“, изјави македонскиот селектор.

Се вчитува...