До директорот ли е…? Откако дојде Дени Масев, Македонија реди само победи!

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски

Некоја нова победничка Македонија…Десет меча по ред фудбалскиот национален тим не знае за пораз, а во Лигата на нации имаме „три од три“, и сме на чекор до освојување на првото место во групата. Атмосферата меѓу репрезентативците е одлична, победен е и вирусот кој сериозно го стресе тимот во Скопје. Овде во Ереван, сите велат, дојдовме по нов, четврти триумф по ред.

Убаво ни е, на сите што сме во и околу репрезентацијата…Искрено, и ние новинарите не сме навикнати на ваква – победничка атмосфера. По малку и се чудиме, како ли сега одеднаш – Македонија победува?!

Има тука и шеги, до опремата е, „сега сме јаки дека носиме јако“, и такви досетки, а секако…до фудбалерите е и до селекторот, тие се директните учесници, долу и крај теренот.

Арно ама, си има изгледа нешто и до директорот…

Данчо Масев, новиот спортски директор на А-тимот, има максимален победнички ефект. Откако тој е именуван на новата функција, Македонија е победничка селекција. Поранешниот фудбалски репрезентативец сега е во нова улога и добро се снаоѓа. Умее и да се шегува, а секако, работните задачи се вршат максимално сериозно и професионално.

„Им реков јас на фудбалерите, веднаш откако дојдов. Целта е – Европско првенство! Ова е идеална шанса за Македонија, историска, за да се пласираме на едно големо натпреварување. Го имаме Горан Пандев со сето свое искуство и фудбалска магија, а имаме и една одлична генерација млади фудбалери кои веќе се добро вкомпонирани во одличен, компактен тим. И да, имам „три од три“ откако сум директор“, се шегува во свој стил, Дени Масев.

Таков беше и како фудбалер, секогаш ведар и насмеан. Сега атмосферата, како што вели, е многу подобра од периодот кога тој го носеше националниот дрес.

„Сами гледате, шеги на секој чекор, насмеани лица. Атмосферата во репрезентацијата е одлична. Ова е група на позитивни момци кои знаат кога да се пошегуваат, а кога треба сериозно да се работи, се разбира, предводени од селекторот Игор Ангеловски. Верувам дека овојпат Македонија е зрела за да се пласира на Европско првенство“, истакнува Масев.

Само еден мал чекор не дели од првата позиција во групата 4 од Лигата Д, но никој и не помислува на пораз утре во Ереван против Ерменија. Ќе му го нарушат максималниот ефект и на директорот.

„Каков пораз?! Не смее тоа да се случи, за тоа никој не размислува. Одиме на победа, да ја продолжиме серијата триумфи. Оваа Македонија е победничка“, порачува новиот спортски директор.

А кога ќе каже директор, тоа треба да е „закон“ за сите…

Се вчитува...