Единсон Кавани ќе биде најзвучното засилување на Манчестер Јунајтед во овој преоден рок, откако уругвајскиот голгетер ги договори условите за соработка со најтрофејниот англиски клуб. Уругваецот беше слободен играч по истекот на договорот со ПСЖ, во меѓувреме беше поврзуван со Интер, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, но ниту еден од овие клубови не се согласи да ги прифати неговите барања од 10 милиони евра по сезона, плус богата менаџерска провизија за агентот на Кавани.
„Црвените ѓаволи“ се соочуваа со сериозен проблем поради недостигот на засилувања, а во ситуација кога за Кавани не се плаќаше отштета директорот Вудворд можеше да си дозволи да му понуди висока плата на овој голгетер. Според британските медиуми, тој утре ќе пристигне во Манчестер, каде по медицинските прегледи и официјално ќе потпише двогодишен договор со Јунајтед.
Кавани својот прв меч во дресот на Манчестер Јунајтед во ЛШ би требало да го одигра против својот поранешен клуб ПСЖ, дуел закажан за 20 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА